Гаштаров: Црвена Звезда е најголемиот клуб на овие простори, допрва ќе се докажам во нејзиниот дрес

510

 

Огнен Чак Дојчиновски

Конечно, по долги години чекање Македонија има наследник на големите Дарко Панчев, Илија Најдоски, Кирил Дојчиновски, и плејадата останати наши легенди кои беа дел од тимот на Црвена Звезда во минатото.

Матеј Гаштаров, репрезентaтивецот на Македонија до 19. години денеска и официјално го потпиша својот прв професионален договор со Црвена Звезда, откако повеќе од една година е дел од гигантот од Белград. Детето на Вардар кое како екстра талент замина во Белград, се покажа и докажа во „црвено – белиот“ дрес, па денешната промоција е само награда за одиграното.

„Благодарам за честитките. Благодарност до Спортспорт што во овие моменти ми даде можност да и се обратам на јавноста. Ова е голем момент за мене како млад играч. Можам да кажам дека сиот овој труд кој што го вложив овие години се исплати. Ме чека уште многу пат во кариерата, но искрено сум презадоволен од она што ми се случува досега“ – ни изјави Гаштаров по потписот на тригодишниот договор со Црвена Звезда, па продолжува.

„Како да не сум среќен… Црвена Звезда е најголемиот клуб од овие простори, секој млад играч сонува за вакво нешто. Ете јас ја имав таа среќа тој сон да ми се исполни. Благодарност за укажаната доверба, ќе дадам се од себе да ја оправдам. Многу труд вложив за да бидам тука, но најдоброто од мене секако дека следува“ – вели младиот играч за врска.

Неговиот талент одамна е познат за нас, познавачите на состојбите во ФК Вардар. Скопското дете го споменуваа како „играчиште“ уште како мал. Тоа дојде до ушите на Звезда и пред една година клубот од „Рајко Митиќ“ најде начин како да го одведе во Белград.

„Вардар има голем удел во мојата досегашна кариера. Благорадност до клубот, до сите кои работеа со мене, кои ме изградија пред се како личност, а потоа и како фудбалер. Како да се однесувам на терен, но и надвор од него. Дојдов во Црвена Звезда пред повеќе од една година, и во овој период напредував многу. Одиграв многу важни мечеви, во лигата на Србија но и во младинската Лига на Шампиони. Огромно искуство во секој случај“ – споделува Гаштаров.

Следна цел, деби за првиот тим

„Конечно, сега е и повеќе од јасно дека моја следна цел е дебито за првиот тим. Тоа нема да биде ни малку лесна задача, да се изборам за такво нешто но јас верувам во себе и во своите квалитети. Талентот, но пред се напорната работа ме донесоа до тука, а ветувам дека сега имам мотив да го правам тоа на уште посилен начин за да ги исполнам моите соиништа“ – ни вели Матеј Гаштаров за Спорспорт.

 

ПретходноГлавчев до клубовите: Ви ја подавам раката за подобро утре на кошарката
СледноМитровски со две номинации во ХНЛ – за играч на месецот и за гол на месецот!