Двојниот освојувач на Купот на Македонија, Штип УГД, утре на домашен терен ќе го одигра клучниот натпревар од финалната плеј-оф серија во домашниот одбојкарски шампионат. По двата порази во првите два финални меча, Штип утре нема место за калкулации, затоа што трет пораз од големиот ривал Струмица ќе значи и завршување на финалната серија.
„Подготвени сме, свежи сме и расположени, конечно, да се покажеме во вистинско светло. Овие два меча не се одраз на квалитетот кој го има оваа екипа. Тоа ќе мора да го покажеме утре. Веруваме во нашиот квалитет и пред полни трибини ќе ја оствариме таа прва победа во ова финале за да останеме во игра за титулата“, вели тренерот на Штип УГД, Кристиан Ристески.
Шампионот Струмица води со 2:0 во финалната серија и ќе бара само уште еден триумф за одбрана на титулата. Штипјани велат дека техничките грешки кои ги направија на првите, а особено вториот меч, овој пат ќе мора да се сведат на минимум.
„Со толку направени грешки и да немаше екипа од другата страна на мрежата ќе загубевме најмалку сет. Затоа им кажав и на момците, мора да играме слободно, без грч и притисок. Знам дека ова ни е прво финале, но двата први меча беа доволно за да се вратиме во нашиот ритам. Одиме на победа“, дополни Ристески.
Третиот финален меч од машкиот плеј-оф е на програмата утре во салата „Јордан Мијаклов“ во Штип со почеток од 19 часот.