По се она што се случи во неделата на стадионот „Борис Трајковски“ на дербито меѓу Гостивар и Работнички сега веќе се е јасно. Официјално мечот е регистриран со 0:3 за тимот од Градски парк, а за висина на казната за гостиварци решава Дисциплинската комисија на ФФМ.
Да потсетиме дека во 85.минута по наредба на газдата на клубот Енес Уста, капитенот Алпер Потук ги повлече своите соиграчи во соблекувалната и го прекина овој натпревар на резултат 1:2 за Работнички.
Ако се знае како мина Воска како клуб, како раководството на клубот, тренерот и капитенот на охриѓани за ист ваков срамен чин на мечот со Вардар, тогаш нема дилеми дека Гостивар може да чека само казни според статутот на ФФМ.
Уште повеќе капитенот на Гостивар, Алпер Потук ќе биде жестоко казнет, и тоа го далеку поголема казна од еден месец која ја доби капитенот на Воска, Агон Хани.
За разлика од Потук, капитенот на Воска во неколку наврати се обиде да го разубеди својот тренер да не ја повлекува екипата. Додека Потук инсистираше Гостивар да се повлече од тернот на Маџари.
Во тоа е разликата меѓу него и Хани, затоа турскиот интертнационец го чека жестока казна.