Кошаркарите на Пелистер успеаја да ја остварат првата победа во дуелот со Работнички и да ја продолжат четвртфиналната серија во домашниот кошаркарски плеј-оф. Битолчани го одиграа најдобриот натпревар по подолго време и вечерва во својата сала обезбедија висока и убедлива победа над Работнички со 101:77.
Триото Мишковиќ, Стајиќ и Антоан беа незадржливи за гостите од Скопје и практично му ја обезбедија победата на „зелено-белиот“ состав која ги остава Битолчани во трка за полуфиналето. Мишковиќ постигна 27, Стајиќ застана на 24, додека Антоан прокнижи 21 поен. Кај Работнички во прилично слабата претстава најефикасен беше Ѓуроски со 14 поени.
За разлика од Работнички, ТФТ веќе си го завери полуфиналето. Момците од тафталиџе и на третиот меч со Чаир славеа, овој пат со 64:70 на гостински терен и со максимални 3:0 дојдоа до полуфиналето. До победата вечерва ги предводеше Зафиров со 14 поени, Говенс постигна 12 исто колку и Николов. Кај Чаир најефикасен беше Морис со 23 поени.
На дуелот меѓу Кожув и МКК Куманово се игра продолжение.