Огнен Чак Дојчиновски
Македонскиот фудбалски национален тим, и оној сениорскиот, а особено младинскиот до 21. година имал, има и ќе има потреба да биде засилуван со играчи од дијаспората. Тоа е неспорен факт, затоа што ние сме мала земја, со огромна дијаспора, која е подготвена да помогне на секој начин, особено фудбалски.
Онаа од Австралија секогаш ни стоела на располагање, во минатото, сме имале одлични примери, во Даниел Георгиевски, кој заигра за нашата А репрезентација, како и со десетина млади репрезенаттивци кои со успех настапуваа за У17, У19 и У21 селекциите.
Овојпат Спортспорт се концентрира на играчот за врска на Вестерн Јунајтед во моментов третиот тим во лигата во Австралија, Рис Божновски.
Момчето кое е родено 2004 година, и кое со успех досега настапува за Австралија, има одлична сезона во која игра во врвна форма. Како дефанзивно ориентиран играч за врска, има постигнато пет голови и една асистенција што е фантастична статистика. Медиумите во Австралија веќе го вбројуваат во играчите со најголем напредок, се пишуваат статии на него и му посветуваат огромно внимание во јавноста.
Она што ние мора да го знаеме во моментов е дека Македонија официјално никогаш не го побарала да игра за нас, туку се направени само спорадични контакти и разговори со поединци околу Божиновски.
Квалитетот на Рис Божиновски е неспорен, неофицијално, според нашите сознанија, и селекторот Благоја Милевски ја следи неговата форма, а ние сме тука да ја поттикнеме оваа тема и да доведеме уште еден „Кенгур“ во нашиот национален тим.