Пелистер на полувреме губеше од Тиквеш, ама на крајот ги освои планираните бодови!

185

По поразот од Вардар во супер – дербито во минатото коло, ракометарите на Пелистер попладнево, исто на свој терен во Битола, во рамките на 6.коло од плеј-офот во Суперлигата успеаја да слават против Тиквеш со 29:25.

Сепак не беше така лесно за актуелниот шампион, посебно не во првото полувреме кое го загубија со 11:12. Кавадарчани одиграа сосема добро и му направија проблеми на големиот фаворит.

Јасно им беше на сите во тимот на Пелистер дека овој меч не смееше ни по која цена да се загуби, па во второто полувреме заиграа подобро, направија разлика од 3-4 голови и во финишот влегоа помирно.

Манасков кај победничкиот состав забележа 10 голови, Кузмановски стрелаше во пет наврати. Кај Тиквеш најефикасен беше Шулески со шест гола.

Со овој триумф ракометарите на Пелистер се вратија на чело на табелата, но дали ќе останат таму ќе се зависи и од утрешното дерби меѓу Вардар и Алкалоид.

Јасно е дека битолчани ќе навиваат Алкалоид да победи.

ПретходноСамо чудо ја дели Англија од тоа да има шест екипи во ЛШ за следната сезона!
СледноЧелзи најави шампионски шпалир за Ливерпул!