Она што Гостивар го направи минатата недела, кога го прекина дербито со Работнички, и тоа како му се врати. Енес Уста и неговите компањони, капитенот Алпер Потук и тренерот, поради лиценцата, Блажо Панов, си добија што и заслужуваат. По двегодишна суспензија.
Уста на сите нас ни покажа како не треба и како не смее да се води клуб. Дечкото е феномен. Имено во последните две години “фрли“ тешки милиони, го имаше убедливо најголемиот буџет во ПМФЛ и пак не само што не дојде до титула во првенството или Купот, туку не избори и пласман во Европа.
Да се чудиш, но така е кога станува збор за тотален фудбалски анонимус.
И сега Гостивар е казнет со минус 9 бода, а Уста, Потук и Панов ќе се “ладат“ фудбалски. Очекувано и заслужено, не смее никој да биде над законите на оваа држава и над статутот на ФФМ.
А еве како сега изгледа табелата по тие одземени бодови на Гостивар и на тие на Воска, по 29.коло или во пресрет на 30.коло во ПМФЛ:
ТАБЕЛА: Шкендија 63, Силекс 59, Работнички 55, Струга ТЛ 47, Гостивар (-9) 39, Вардар 35, Шкупи 34, Пелистер 32, Тиквеш 29, Брера 27, Беса 24, Воска (-9) 13.
Од глупоста што ја направи Гостивар, пред се тој Уста, и тоа како му олесни на Работнички. Тимот кој во неделата го победи Гостивар со 1:2 на Маџари до таа 85.минута кога дојде до прекин.
Имено тимот од Дебар Маало може уште утре да обезбеди “виза“ за Европа што само по себе ќе биде фантастичен успех. Работнички е трет со 55 бода пред Струга ТЛ која е четврта и има 47 бодови. Па така ако утре тимот на Горан Станиќ успее да го победи Силекс а стружани не победат со Шкендија дома, тогаш по цели осум години пауза Работнички ќе игра во Европа. Јасно е дека и да не се случи ова утре, Работнички има златна шанса да избори дефинитивен пласман во Европа во следното коло или во последните две.
Нема што, на потег се Станиќ и неговите играчи. Само чудо може да ги спречи во изборување на најдобриот пласман на клубот во последните осум години.