Дали Вардар 1961 ќе остане на врвот на табелата, одговорот ќе го добиеме денеска во Автокоманда. „Црвено-црните“ му гостуваат на секогаш незгодниот Алкалоид, мечот е закажан со почеток во 18 часот.
Патот до титулата за ракометарите на Вардар 1961 има неколку „нагазни мини“, а една од нив е токму оваа пресметка со момците на Кирил Лазаров, кој пак нема да смета на најдобриот состав, откако се повредија и беа оперирани Марко Митев и Никола Костески, а на дуелот против Рунар на гостински терен го немаше ниту Игор Ѓоргиев. На почетокот на сезоната Вардар беше надигран од Алкалоид, па токму затоа на оваа средба ќе влезе со голема претпазливост.
Овој дуел во Автокоманда будно го следи Пелистер, кој откако го доби мечот со ГРК Тиквеш чека кикс на директниот конкурент за врвот за да се врати на лидерското место.