Денеска со мечот Шкупи – Вардар од 16 часот на Чаир, стартува 30.коло во нашата елитна фудбалска лига. Како и секогаш така и сега, ова ќе биде големо дерби, голема скопска пресметка. Шкупи – Вардар на Чаир за фудбалско уживање, посебно сега кога и двата тима не се оптоварени од резултат и со тоа дека по секоја цена мора да се освојат бодовите.
Од друга страна и тоа како ќе има мотиви кај Шкупи и кај Вардар. Чаирчани сакаат победа над Вардар, тука нема дилеми, во едно од најголемите дербија во мак – фудбалот.
Вардар сака да ја продолжи серијата без пораз и да дојде до 14-тиот меч без пораз во низа. Секако дека нема да биде лесно да се дојде до реми и победа ако се знае дека Чаир е Чаир и дека Шкупи и тоа како има големи и посебни мотиви кога игра пред своите фанови.
Гоце Седлоски се враќа на Чаир, но сега како тренер на гостинска екипа. Нема сомневање дека фановите на Шкупи ќе го испочитуваат човекот кој во таа 2021/22 сезона по цели две децении и повеќе повторно ја донесе титулата на Чаир. Тоа мора да се цени. А јасно дека денеска Седлоски ќе посакува победа или добар резултат на својот тим, на Вардар.
Ова е меч и за докажување, за тоа кој ќе биде главниот фудбалски фраер во Скопје до наредното дерби.
Кога сме кај традицијата, да споменеме дека откако клубот од Чаир се нарекува Шкупи, досега овие две екипи одиграле 28 меча. Шкупи има забележано 8 победи, Вардар успеал да победи на 12 а осум средби завршиле без победник.
На последниот меч славеше Вардар со 3:2, но претходно Шкупи имаше серија од шест победи во исто толку мечеви против големиот градски ривал.
Останатите мечеви од ова 30.коло се играат утре од 16 часот.