Дербито во Автокоманда ја понуди целата возбуда, дуелот меѓу Алкалоид и Вардар заврши без победник 26-26. „Црвено-црните“ имаа водство од четири гола, но Алкалоид се врати во мечот, имаше свои шанси за победа, но не ги искористи, на крајот ремито се чини беше најреално сценарио.
После шестото коло во плеј-офот, Вардар и Пелистер имаат по 13 бода, додека пак Алкалоид има 9 бода.
Серафимов постигна осум гола, додека Ивановски пет во редовите на домашниот тим, на другата страна Борозан имаше седум погодоци, еден помалку имаше Лазаревски.
Иако Кирил Лазаров на располагање го немаше посакуваниот состав (без Марко Митев, Никола Костески и Игор Ѓорѓиев), сепак оние кои играа на теренот го дадоа максимумот против далеку посилниот противник, кој има бројни странски имиња.
Алкалоид поведе со 5-2 после девет минути игра, а откако пропушти шанса за плус 4, на другата страна Вардар 1961 со серија од 3-0 изедначи на 5-5 со голот на Танкоски на средината на првото полувреме. Пет минути подоцна гостите го запишаа првото водство 7-8, но домашниот тим се врати. Кизиќ беше одличен на голот, па Алкалоид поведе со 10-8. На одморот резултатот беше 12-12.
Борозан и Јагуриновски на стартот на второто полувреме го донесоа првото водство на својот тим од два гола (12-14), на другата страна Симоновски промаши од седум метри. Серафимов го постигна првиот гол од пенал за Алкалоид во 35-та минута за 13-14. Со серија од 2-5 Вардар 1961 во 41-та минута за првпат на мечот поведе со четири гола разлика (15-19).
Од овој момент, Алкалоид направи серија од 5-1 (три гола на Серафимов) за 20-20 во 47-та минута. Момците на Лазаров не застанаа тука, Петковски во 51 минута го врати водството на Алкалоид (23-22), кој три минути подоцна не искористи напад да ја зголеми предноста на два гола.
Галевски запиша две важни одбрани, една од седум метри, но повторно неговиот тим не знаеше да казни, но истовремено имаше голема среќа што и Вардар 1961 грешеше. Да Силва не реализираше по тамј-аутот на Лазаров. На другата страна Милано ги повика своите момци, Хориха изедначи на 25-25. Маркоски донесе водство на Алкалоид од 26-25, Лазаревски изедначи на 26-26. Маркоски не погоди на празна мрежа за целосна еуфорија.