Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Филип Кузмановски со голем оптимизам ги чека дуелите против Естонија на гости и Литванија на домашен терен, последни во квалификациите за ЕП 2026 година. Македонија мора да одигра два добри меча за да ја продолжи традицијата на редовни учества на големите натпреварувања.
Иако поради повреди настапот на овие две средби ќе го пропуштат стандардни имиња, сепак Кузмановски верува дека заедно со селекторот, Лазаров, ќе направат тактика за да ја израдуваат македонската нација.
„Не треба никого да го потцениме, мора да имаме почит за секој ривал. Знаеме како игравме на претходните две средби со Литванија на гости и со Естонија на домашен терен. Сите играчи сме во форма, имаме доста повредени играчи кои ќе ни фалат, но сите кои што сме тука ќе го дадеме максимумот. Ќе се спремиме максимално и сите треба да играме и да очекуваме на две убедливи победи со Естонија и Литванија. На првиот меч со Естонците имаше многу голови. Пристапот ни беше малку лош, но се подобривме. Мора сите сериозно да ги сфатиме ривалите. Поквалитетни сме, очекуваме поддршка и се надевам ќе се радуваме заедно на ново Европско првенство. Се наоѓаме во финишот на сезоната кој е најважен дел, сите играчи се во форма. Но, тоа ни го носи секоја година. Тука сме моментално најдобрите и селекторот го знае изборот. Ќе одиграме најдобро, целта ни е пласман на Европското првенство. “, изјави Кузмановски.