Лазаров денеска прозива за најважната мисија

291

Македонската ракометна репрезентација денеска стартува со мини подготовките за пласман на Европското првенство 2026 година. Нашите момци се трети на табелата во својата група, имаат два бода (една победа и три порази). Пред нив е селекцијата на Литванија која има шест бода, додека лидер е Словенија со осум.

Мисијата за второто место стана тешка, откако Словенија одлучи на дуелот против Литванија, директниот конкурент да одигра со втор состав.

Македонија последните две квалификациски меча ги отвара против Естонија на гости, дуел кој се игра 8 мај, додека три дена подоцна е мечот против Литванија. Овој меч ќе се игра во салата „Јане Сандански“, билетите веќе се пуштени во продажба.

Доколку Кирил Лазаров и неговите момци не успеат да завршат на второто место во својата група, во тој случај како на континенталното натпреварување можат да одат како третпласирани. Ова значи дека треба да се најдат во друштвото на четири селекции кои имаат најдобар скор.

Селекторот на нашиот најдобар национален тим за овие средби на голманската позиција го врати Мартин Томовски, на левата крилна позиција Гоце Ојлески, додека пак дебитански настап се очекува да има Мартин Ивановски. Шанса ќе чекаат Емилијан Ѓорговски и младиот Дамјан Митев.

Во составот ќе го немаме стандардниот Марко Митев, кој е надвор од терените поради повреда, како и Игор Ѓоргиев.

Нашите момци денеска се собираат во хотелот „Александар Палас“ со почеток во 15:30 часот.

ПретходноПМФЛ: Работнички на мегдан со Силекс, Струга ТЛ против Шкендија, службени победи за Тиквеш и Пелистер!
СледноНеочекуван напад: Ѓоковиќ е полуписмен бедник