Селекторот Кирил Лазаров пред себе има уште една тешка задача, да ја одведе Македонија на ново Европско првенство. Нашата репрезентација не се наоѓа во идеална ситуација на две кола до крајот, но шансите за пласман и тоа како се реални. Македонија е трета во својата група, зад Литванија и Словенија. На патот до континенталното натпреварување кое ќе се одржи следната година стои гостување кај Естонија и домашен меч против Литванија.
Земајќи ја целата играчка, а сега и тренерска кариера, Лазаров никогаш не се предава, секогаш е оптимист и кога на располагање го нема составот што го посакува. Ја видовме Македонија како приреди неверојатен пресврт против Ф.Осторови за СП 2025, а на Мундијалот одигра одлични мечеви.
„Јас сум секогаш оптимист и во животот и во спортот, така ќе настапам и сега. Мора да бидеме претпазливи на моменталниот наш здравствен билтен, доста играчи ни фалат, има некои нови играчи кои мора да ги заменат во одлучувачки натпевари. Периодот е краток. Немаме право на грешка, очекувам два психолошки тешки натпревари. Верувам во тимот и во екипата дека ќе одговорат со вистинско лице, голем дел од играчите кои се повикани знаат какви се овие квалификациски натпревари и знаат како е да немаш право на грешка. Сакам да ја видам нивната реакција, а и на новите играчи кои се тука. Се надевам дека ќе одговориме на предизвикот.
Естонците покажаа во Скопје дека играат на гол повеќе, Литванците се покажаа во добро светло со Словенија. Ќе ни биде потребна поддршката од нашите навивачи. Кога ќе кажете Литванија, мислите на кошарка, а не на ракомет, но не е така. Имат искусни играчи кои играат во добри клубови. Против нив очекувам еден врвен меч и добар ракомет од двете страни
Но, одиме чекор по чекор – прво одиме на Естонија, потоа на Литванија“, изјави Лазаров.