Пишува: Зоран Ѓоршоски
И дефинитивно нема дно до каде може да оди ФК Гостивар, односно првиот човек на овој клуб Енес Уста. Едноставно кажано им нема крај на глупостите.
Место сега да анализираме и коментираме за 14 меч во серија без пораз на Вардар, за тимот на Работнички кој е само на бод до излез во Европа по пауза од осум години, за одличната Струга ТЛ против Шкендија иако настапи речиси со втор тим, за шампионската трка меѓу тетовци и кратовци, ние сакале или не, мораме повторно да се занимаваме со Уста и “неговиот“ Гостивар.
Веднаш по победата на Вардар на Чаир во саботата, гостиварци на својот официјален ФБ соопштија дека ја напуштаат ПМФЛ.
Во тоа “објаснување“ има такви небулози кои веројатно досега ниту еден наш клуб во историјата на ПМФЛ, не ги искажал. Тоа беше само едно од “серијалот“ соопштенија со кои луѓето од овој клуб ја “замараат“ јавноста во Македонија.
На Уста малку му беше што минатата недела ги натера играчите на Гостивар да го прекинат мечот и не и остави ништо друго на Фудбалската федерација на Македонија, освен тоа таа да го казни клубот според сите правила со минус 9 бодови и да изрече соодветна суспензија на тие што сакаа да се прават “фраери“ на Маџари против Работнички, туку посака да каже нешто што не е само фудбалски.
Посака да каже дека во оваа држава, посебно во фудбалот не се добредојдени странските инвестиции, дека во оваа држава има некој нешто против….
Ние не сакаме ниту да помислиме дека такво нешто е изречено, но така стои.
Е па тој Уста нека знае, а секако добро знае, дека во половина од нашите клубови има турски капитал. Интересно, само кај него, во неговиот клуб има проблеми. Само неговите играчи и дел од управата се во полициска станица речиси на секое второ гостување, само во Гостивар се работи како што се работи. И само во неговиот клуб…
Само тој се расфрла со закани за тужби до медиуми, пред се портали, бара извинување и деманти на нешто што е искажано како слобода на говор.
И не само тоа. Во тоа сопштение беше истакнато дека ќе ја каже “својата вистина“ во Турција за тоа како Потук и останатите странски фудбалери овде во Македонија никој не ги ценел и респектирал.
Вербално ја нападна Фудбалската федерација, кажа и тешки зборови кои не се примерни за презентирање и некаде при крај на соопштението беше кажано дека Гостивар нема намера веќе да игра во ПМФЛ и дека се повлекува.
Зошто?
Прашуваме зошто кога гостиварци сами си “пукаа во нога“ што се вели. Па кој ѓавол ги тераше, се разбира по команда на Уста, да го прекинат мечот со Работнички. Тоа не се простува.
Нека праша во Турција каква казна таму се изрекува за таков гест, посебно кон тие кои ќе наредат прекин на мечот.
Сега што правиме? Сега каде ќе игра Гостивар?
Релно има разлика и тоа каква меѓу Воска и Гостивар, клубови кои следната сезона ќе играат во најнизок ранг.
Воска како клуб е приватен проект на еден човек, основан пред шест години, и тој самиот си одговара пред себе за се она што му се случува или ќе се случи.
Гостивар е клуб кој опстојува повеќе од еден век, основан е во далечната 1919 година. Клуб со традиција, клуб кој е гордост на градот. Клуб кој играл и порано во ПМФЛ.
И каде сега Уста го “однесе“ тој клуб?
Во најнизок ранг е одговорот!
“БРАВО“….место во Европа сега “милионскиот Гостивар“ ќе игра низ селата во Полог.
Но, така е тоа кога…
Има уште многу работи да се кажат, некои не се за во јавност. Ние тоа го знаеме а го знае и раководството на клубот.
Тоа е друг проблем, поважно е тоа што сега со ФК Гостивар. Ова нека биде памет за сите оние кои мислат во иднина да ги продаваат клубовите на….