Селекторот Јошко Миленкоски, го скрати списокот на машката сениорска репрезентација за шестмина и на првиот собир во Струмица на 15. мај ќе смета на 16 репрезентативци.
За првата акција летово, настапот во Златната Европска лига, Миленкоски ќе се потпре на добро проверени сили, односно одбојкари кои и досега го носеа товарот на националниот тим. Базата остануваат интернационалците – капитенот Никола Ѓоргиев и организаторот на играта Ѓорѓи Ѓоргиев, потоа Александар Љафтов, Лука Костиќ, Стојан Илиев, Тоше Ефремов, како и средниот блокер Филип Савовски.
Капитенот на Струмица 47&72 Владо Милев како најискусен треба да даде стабилност во националниот тим, а целата слика да ја надополнат најдобрите одбојкари од домашната сцена, од редовите на ново-стариот шампион Струмица 47&72 и освојувачот на Купот, Штип УГД.
Селекторот Миленкоски првата прозивка ќе ја има во хотелот „Пандев“ во Струмица на 15 мај на пладне.