По се она што се случи попладнево во Гевгелија, по оној срам и скандал, се разбира дека и Фудбалската федерација на Македонија се огласи со реакција која ви ја пренесуваме во целост:
“Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со длабоко разочарување и огорченост го следеше натпреварот помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими од Втора МФЛ.
Сцените што сите ги видовме на теренот и однесувањето на поединци претставуваат директна навреда за фудбалот, за фер-плејот и за сите што со чесна намера учествуваат во спортот.
Она што го видовме е срамно и неприфатливо.
Ова раководство на ФФМ нема да дозволи ваквите појави да станат норма, ниту да поминат без последици.
Очекуваме целосни извештаи од официјалните лица на натпреварот, по што ќе бидат преземени сите мерки во рамките на нашата надлежност.
Нема да има заштитени – секој што со своето однесување го нарушил интегритетот на натпреварувањето ќе биде соочен со одговорност.
Нашата цел е јасна: фудбал без дамка, натпревари во кои резултатите се одлучуваат на теренот, а не зад кулисите.
ФФМ останува цврсто определена да стави крај на нечесните практики и да го врати достоинството на македонскиот фудбал.
Време е конечно да расчистиме со ѓубрето што со години го труе македонскиот фудбал.
Во соработка со МВР и надлежните институции ќе преземеме сè што е потребно ваквите случаи да добијат соодветен епилог“.