По пауза од пет години, Пари Сен Жермен ќе игра ново финале во Лигата на шампионите. Момците на Луис Енрике и во вториот полуфинален меч го совладаа Арсенал, овој пат со 2:1 и го потврдија своето место во големото финале на 31 мај во Минхен.
Арсенал вечерва имаше се што му беше потребно за евентуален пресврт, но промашувањата во првиот дел од мечот и на самиот крај, го чинеа елиминација. Момците на Микаел Артета одлично го почнаа мечот и имаа две 100% шанси уште во првите 5-6 минути, но не искористија ниту една. ПСЖ со „бомбата“ на Фабијан Руиз во 27. минута поведе со 1:0 и со голема предност замина на пауза.
Во вториот дел и двете екипи почнаа израмнето, а ПСЖ прв доби шанса да го промени резултатот. По играта со рака на Салиба, судијата Цваер покажа на белата точка во 68. минута, но Витиња не успеа да постигне гол за зголемено водство. Раја го одбрани пеналот и го остави Арсенал во игра, но само 4 минути. Во 72. минута Хакими ја поправи грешката на Витиња и со уште еден убав погодок му донесе на ПСЖ водство од 2:0.
Сака во 76. минута успеа да погоди за 2:1 и за нова неизвесност, која можеше да биде уште поголема, ако Сака во 80. минута не промашеше зицер пред празниот гол на домашните. На крајот ПСЖ слави и ќе игра ново финале за првиот европски трофеј по оној од КПК во 1996 година.