Словенија одигра за Македонија: Нашите ракометари можат и како второпласирани да одат на ЕП!

537

Македонската ракометна репрезентација има шанса како второпласирана во својата група да се пласира на Европското првенство 2026 година. Сето ова е благодарение на Словенија која иако не замина со најсилен состав на гостувањето кај Литванија славеше со 28-31.

Сега само едно сценарио останува за селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци за второто место. Прво да ја победат Естонија на гости утре, а потоа на домашен терен да слават над Литванија со најмлаку три гола (на првата средба нашите ракометари беа совладани со 29-27).

Македонија пред утрешниот меч со Естонија е трета на табелата со два бода, додека Литванија има шест.

Словенците одиграа одлично прво полувреме, после девет минути израмнета битка на теренот го скршија отпорот на противникот, со три гола во низа поведоа со 7-12, а пред одморот имаа и позитива од седум гола 11-18. Литванија на полувреме намали на 12-18.

Во вториот дел, Словенија отвори со 3-1 и поведе со осум гола разлика 13-21. Веќе на стартот на последните десет минути, Словенците имаа двоцифрено водство од десет гола (18-28) како потврда дека овој меч ќе заврши во нивна корист. Пред самиот крај Литванците ја искористија опуштеноста на гостите и ја намалија големата негатива на 28-31.

Мечот меѓу Естонија и Македонија се игра утре со почеток во 18 часот, додека дуелот со Литванија е во недела во СЦ „Јане Сандански“.

ПретходноТитулата се врати под Шара: Шкендија повторно на тронот! (ФОТО+ВИДЕО)
СледноИнтер – Барса на македонски начин во Струмица!