Македонската ракометна репрезентација денеска (18 часот) и гостува на Естонија во претпоследниот квалификациски дуел за пласман на Европското првенство 2026 година. По поразот на Литванија од Словенија, нашите ракометари имаат шанса да завршат како второпласирани во својата група.
Прв услов кој треба да го исполнат е да триумфираат во Талин, а потоа во недела на домашен терен да ја победат Литванија со три гола разлика. Македонија има два бода, додека пак директниот конкурент за втората позиција има шест бода.
Селекторот, Кирил Лазаров за овие две средби во меѓувреме се соочи со бројни проблеми, листата на повредени се зголеми. Од Мундијалот го нема еден од најдобрите наши репрезентативци, Марко Митев, а за овие две средби нема да може да помогне ниту Мартин Велоковски, поради повреда отпадна Марко Стојковиќ, како Цветан Кузманоски.
Лазаров го одреди составот за Естонија на голот се враќа Мартин Томовски, заедно со Никола Митревски ќе бидат задолжени за нашата мрежа. Своето деби ќе го чека Мартин Ивановски, кој по доаѓањето во Алкалоид го покажа сиот свој потенцијал. Лазаров ќе смета и на младиот Дамјан Митев. Во составот после долго време ќе биде и Гоце Ојлески.
Естонија во Скопје покажа дека не треба да се потценува. За ова се свесни сите во нашиот табор, па најавија максимална битка на теренот и победа во Талин. Дуелот ќе биде директно пренесуван на МРТ 3.