ЛЕ и КЛ: Три англиски тима подготвени да прослават пласман во финале

85

Европскиот фудбал влегува во клучна фаза, откако денеска ќе ги проследиме и реваншите од полуфиналето на УЕФА Лигата на Европа и Лигата на конференции кои носат нови моменти на возбуда и неизвесност. По првите натпревари, веќе имаме и очигледни фаворити за место во финалните дуели, но поразените имаат уште 90 минути борба да се обидат да ја надоместат негативата.

Во УЕФА Лигата на Европа, Тотенхем покажа квалитет во првиот натпревар на домашен терен, победувајќи го Бодо со 3:1. Екипата на Анже Постекоглу, предводена од Хеунг-Мин Сон и стрелецот Доминик Соланке, ја искористи предноста на домашниот терен и ја продолжи импресивната серија од 19 натпревари без пораз на домашен терен во европските натпреварувања. Сепак, Бодо, сензацијата од Норвешка, не доаѓа во Лондон како аутсајдер. Овој тим, кој го елиминираше Лацио на пенали во четвртфиналето, е познат по својот офанзивен стил и непредвидливоста на гостински терен. Тренерот Кјетил Кнутсен верува дека неговиот тим може да изненади, особено затоа што постигнаа голови на речиси секој од последните 26 европски натпревари.

Манчестер Јунајтед влегува со голема предност по убедливата победа од 3-0 во Билбао и вечерва „цревните ѓаволи“ со една нога се веќе во европското финале. Атлетик, кој има речиси невозможна задача предводен од Нико Вилијамс и тренерот Ернесто Валверде, се надева на чудо.

Во Конференциската лига, Челзи, под палката на Енцо Мареска, доминираше цела сезона, а и во реваншот со Дјургарден влегува со убедлива предност по победата од 4:1 на Стемфорд Бриџ. Сепак, неизвесно се очекува да биде во Фиренца, каде Бетис доаѓа со минимална предност од 2:1 од првиот домашен меч. Фиорентина, која играше во финалето на Конференциската лига во последните две сезони, нема лесно да се предаде. Екипата на Рафаеле Паладино има слаб историски резултат против шпански тимови (само две победи во 15 натпревари), но стадионот „Артемио Франки“ би можел да биде клучен фактор.

ПретходноВлаховиќ оди на продажба и за половина цена
СледноКарлос Саинц ќе се кандидира за претседател на ФИА