Пишува: Зоран Ѓоршоски
Од вчера Македонија има нов фудбалски шампион. По двегодишната доминација на Струга ТЛ, Шкендија се врати на тронот во мак – фудбалот по пауза од четири години. По победата над Работнички, тетовските “црвено – црни“ и официјално на овој шампионат и тоа на две кола до крајот, ставија „печат“ со својата петта титула во клупската историја.
Па така сега пред Шкендија е само Вардар со своите единаесет трофеи во самостојна Македонија, додека тетовци се пред Работнички и Шкупи (Слога Ј) со по четири пехари.
Реално кажано Шкендија и тоа како ја заслужи оваа титула зошто знаеше како треба. Пред стартот на пролетниот дел тука беа Силекс, Работнички и Гостивар. Се очекуваше пеколна битка, но стратегот Јетон Беќири со своите момци како да го направија пролетниот дел неинтересен во битката за титулата. Па така од првото пролетно коло кога славеа над Вардар на гости со 1:2, па се до крајот тие не го испуштија врвот. Останува уште мечот со Силекс во последното коло, во следното ќе одмараат зошто Гостивар се откажа предвреме.
Шкендија оваа пролет досега одигра 13 меча и забележа 9 победи, три ремија и само еден пораз, оној од Струга ТЛ како гостин.
Да се разбереме, Шкендија знаела да биде уште поубедлива во својата историја, знаела да урива рекорди како во сезоната 2017/18, сепак интересно е што оваа сезона Шкендија реално го нема најголемиот буџет а и поединечно го нема ни најдобриот тим според имиња. Но Шкендија покажа дека ја научила лекцијата од лани, тренерот Јетон Беќири знаеше како и што треба. Неговиот тим не играше убаво за око, но затоа играше на резултат и тоа како играше.
Нема што Шкендија едноставно беше најдобра оваа 2024/25 сезона и ја освои титулата без ниту една дамка што се вели. Се разбира дека тука не ги сметаме скандалите со нестанувањето на химната пред се од страна на директорот Ардијан Цуцули на гостувањето на Арената кај Вардар во првото пролетно коло и оној скандал од епски размери кога фановите на Шкендија не го испочитуваа едноминутниот молк за настраданите во Кочани пред мечот со Брера.
Но јасно е дека за тоа нема вина ни кај тренерот Беќири ниту кај игрчите.
На тимот и на Беќири треба да им се честита зошто беа најдобри.
Честитки.
П.С
Во вторникот Интер – Барса 4:3, вчера Брера – Шкупи 4:3. Она што се случуваше во Струмица ќе се раскажува со години. Тој меч, тие пресврти, 1:0 па 1:3, па 4:3 ќе останат запаметени како еден од најинтересни и највозбудливи натпревари во историјата на ПМФЛ.
Секоја чест и на едните и на другите.