Македонската ракометна репрезентација ја запиша втората победа во квалификациите за пласман на Европското првенство 2026 година. И повторно „жртва“ беше Естонија, овој пат нашите момци славеа со 17-36. Но, билетот не е заверен, доколку сакаат да се најдат на ново големо натпреварување и тоа од второто место во групата ќе мора во недела да ја совладаат Литванија со два гола разлика, мечот се игра во СЦ „Јане Сандански“.
Селекторот, Кирил Лазаров ги распредели силите на теренот, им даде шанса на сите кои се најдоа во составот за овој меч, со цел да има свежи играчи за важната пресметка во недела. За пофалба е деби настапот на Мартин Ивановски, кој одлично се снајде, запиша три гола.
Мартин Томовски во кам-бекот запиша 12 одбрани во второто полувреме, Никола Митревски имаше седум. Капитенот Филип Кузмановски мечот го заврши со шест гола, Мартин Серафимов имаше пет, додека пак четири запиша Милан Лазаревски.
Одлично прво полувреме за нашите момци. Со црвста одбрана и на крилата на Никола Митревски, кој имаше шест одбрани во овој дел, Македонија брзо го урна отпорот на противникот. После 16 минути игра во Талин, македонската ракометна репрезентација имаше водство од 3-10, успеа да ги казни речиси сите грешки на домаќинот. Естонците беа на гол на негативаа само на стартот (2-3), од тој момент на теренот доминираа „црвено-жолтите“, кои на двапати имаа двоцифрена предност (5-15 и 9-19). На одморот резултатот беше 10-19.
Ништо не се промени ниту во второто полувреме, после пет минути игра нашата репрезентација водеше со плус 12 (11-23) со головите на Серафимов, Лазаревски и Ивановски. На стартот на 40-та минута, Македонија со два погодоци на Џонов дојде на +14 (13-27), три одбрани запиша Мартин Томовски, кој се врати на голот на националниот тим и блескаше.
Пред средината на второто полувреме, Македонија остана со двајца играчи помалку, но тоа не промени ништо бидејќи Томовски беше на висина на задачата, па нашите момци лесно ја зголемуваа разликата, на три минути до крајот беше +18 (15-33). Кузмановски ги постави конечните 17-36.