Македонскиот одбојкарски стратег, Жарко Ристоски, освои уште еден пехар на Блискиот исток. Ристоски кој моментно е на чело на екипата на Ал Хилал успеа да го освои и вториот трофеј оваа сезона, откако синоќа славеше во финалето на Сауди Федерејшн Купот.
Имено на Ф4 турнирот од ова натпреварување, екипата на Ал Хилал успеа да слави над екипите на Ибтисам со 3:2, против екипата на Ал Итихад со 3:0 и во завршниот финален меч победа беше извојувана и над екипата на Ал Наср.
„Ова е втор куп што го освојуваме со Ал Хилал оваа сезона. Првиот беше на почеток во ноември на ‘Сауди гејмс’, најмасовно натпреварување кое траеше еден месеци и учествуваа 20 екипи. Навистина ми е драго што успеавме да направиме уште еден голем успех за клубот во едно вака силно натпреварување како Федерејшн Купот. Овие четири екипи кои играа на Ф4 турнирот имаат големи ѕвезди на светската одбојка во своите редови како Росард, Коњарски, Агамез, Тупчи, Мељанац, Каду… Навистина беше задоволство да се води овој тим. Сега се фокусираме на титулата“, ни изјави Ристоски.
Жарко и неговиот Ал Хилал сега се на чекор и до шампионската титула. Во првенството на Саудиска Арабија, Ал Хилал е лидер и ги очекува дуелите со Ал Наср и Ал Итихад кои дирекно ќе одлучуваат за новиот шампион.