Македонија има само една опција за пласман на ЕП, секое друго сценарио ќе биде погубно

461

Македонската ракометна репрезентација утре ја пречекува Литванија во последниот и најважниот квалификациски меч за пласман на Европското првенство 2026 година. Селекторот, Кирил Лазаров и неговите избраници немаат многу избор, и овој пат влогот е голем.

Ако се чинеше дека после убедливата победа на гостувањето кај Естонија можеме и од третото место да одиме на ЕП, работите се променија за брзо време. Ова се должи на тактизирањето на дел од репрезентациите кои веќе имаат обезбедено пласман на континенталното натпреварување и одлуките да не настапат во најсилен состав.

Македонија за да завери ново големо натпреварување мора да ја победи Литванија со два гола разлика, дуелот се утре (18 часот) во СЦ „Јане Сандански“. Секое спротивно сценарио би било погубно за нашите момци, бидејќи нема да влезат во кругот на четирите репрезентации кои се најдобро третпласирани. За овие позиции најголеми шанси имаат екипите од групите 4, 6, 7 и 8.

Трибините ќе бидат исполнети до последното место, а ваквата атмосфера треба да биде доволна за нова радост и продолжување на традицијата – редовни учества на големите натпреварувања. Македонија има осум учества на Европските првенства, седум по ред, додека пак на Светските првенства вкупно девет, седум по ред.

Победа против Литванија од два гола ќе биде совршен роденденски подарок и за Лазаров, кој денеска полни 45 години.

ПретходноГолема трагедија: Почина поранешен кошаркар на Соколи
СледноТренерот на Денвер за 0/10 на Јокиќ: Разбирам зошто е фрустриран