Лазаров: Нашата предност е домашниот терен и навивачите! Ќе се бориме до крај!

232

Македонската ракометна репрезентација денеска го игра последниот квалификациски меч за пласман на Европското првенство 2026 година, противник е селекцијата на Литванија. Се е во рацете на селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци. Математиката е едноставна, Македонија мора да победи најмалку со два гола разлика за да ја продолжи традицијата на учества на големите натпреварувања. Секое спротивно сценарио ќе биде поразително.

Лазаров и неговите избраници го имаат убедливиот триумф над Естонија на гостин и најважно веќе имаат искуство со мечеви на кои треба да „бркаат“ разлика. Тоа го видовме против Фарски Острови, на реван бараж мечот за СП во Скопје кога приредија неверојатен спектакл и надокнадија негатива од седум гола.

Литванија е добро анализирана. На сите во тимот им е јасно дека денеска ракомет играат сите. Домашниот терен и овој пат ќе биде голема предност за нашите ракометари, а предводникот на нашиот најдобар национален тим најави максимална борба до самиот крај.

„Играме многу важен натпревар за пласман на големо натпреварување. Треба да бидеме константни во текот на сите 60 минути. Литванија има одлична транзиција и треба да бидеме поготово добри во враќањето назад. Нашата предност е домашниот терен и нашите навивачи. Натпреварот ни е подготвени и ќе се бориме до крај“, ни изјави Кирил Лазаров пред денешниот меч. 

Македонија пред овој натпревар е на третото место во групата со 4 бода, два помалку од директниот конкурент Литванија. Словенија веќе обезбеди место на ЕП 2026 година.

ПретходноРеал Мадрид ќе мора да плати отштета за Чаби Алонсо!
СледноПМФЛ: Работнички VS Вардар – Соседско дерби бр.79 на ФФМ, Тиквеш и Брера по бодови на Чаир и Струга!