Пишува: Зоран Ѓоршоски
Во последните неколку коментари се занимававме со неубави работи, со скандали пред се, во нашиот фудбал. Прво со Воска, па дојде на ред Гостивар, но сега е време конечно малку да се позанимаваме и со нешто убаво, успешно пред се.
А, тоа секако дека е ОВОЈ Вардар во оваа пролетна полусезона. И дефинитивно тимот на Гоце Седлоски воодушевува. Мечот со градскиот ривал, тоа “Соседско дерби“ бр.79 беше 16-ти натпревар на кој Вардар не доживеа пораз, тука ги сметаме и куп натпреварите. И да се потсетиме, од оној пораз од Шкендија, од новиот шамион, на свој терен во првото пролетно коло па наваму, Вардар нема пораз. Вардар никој не го надиграл. Урнати се неколку рекорди, а најважниот е дека Вардар сега има нова серија без пораз, рекордна ако се смета за овие понови времиња. Секако дека на 16 меча да не загубиш и тоа како не е мала работа.
Затоа се поставува прашањето, ќе се најде ли јунак да го победи ОВОЈ Вардар?
Интересно, ова е уште една гостинска победа. На девет меча како гостин Вардар победил на седум. Само Силекс во Кратово и Брера, во Струмица тоа беше меч од Купот, успеале да одиграат нерешено со Вардар.
Па така можеш да го сакаш или не, да навиваш за него или не, да си негов фан или не, но не можеш да не ги респектираш сите овие показатели за тоа каква пролет има Вардар.
Сега и тие што беа најголеми критичари велат дека овој Вардар е нешто сосема друго.
Инаку за Вардар заврши сезона во ПМФЛ ако се знае дека во последното коло требаше да игра со Гостивар, тој меч ќе биде добиен службено со 3:0 од познати причини.
Значи Вардар уште од вчера по завршување на дербито со Работнички е со мислите кон 21 мај, кон финалето во Купот на Македонија. Освојување на пехарот ќе биде круна на целата оваа блескава пролетна полусезона. Сепак и Струга ТЛ си има свои амбици, нема да биде лесно за Вардар, но нема да им биде лесно и на стружани.
Кога сме кај вчерашните мечеви од 32.коло, оние четири што се одиграа, сега во Кавадарци и тоа како мирно се дише. Тиквеш со оној бод на Чаир и дефинитивно избори директен опстанок, во недела во тоа последно коло ќе се расчисти само уште една дилема, а таа е кој од Беса и Брера ќе игра бараж за опстанок. Се друго е познато.
Ете, вака или така и оваа сезона во ПМФЛ ја “изгуравме“…