Екипата на Шкендија на својата официјална страница информира дека Комисијата за жалби при ФФМ одлучила да ја прифати нивната желба и да ја намали казната од пет меча без публика поради скандирањето на навивачите за време на минута молчење во чест на загинатите во трагедијата во Кочани. Ова значи дека тимот ќе може пред своите навивачи да го подигне шампионскиот пехар.
„КФ Шкендија ја информира спортската јавност дека последниот натпревар од сезоната во ЛПФМВ против Силекс, закажан за недела, 18 мај на градскиот стадион во Тетово кога ќе го примиме шампионскиот трофеј, ќе се одржи со присуство на навивачи.
По одлуката на Дисциплинскиот одбор по натпреварот против Брера, каде што група навивачи не ја почитуваа минутата молчење пред почетокот на натпреварот, нашиот клуб беше казнет со играње пет натпревари без публика. Оваа казна значеше завршување на сезоната како домашен тим без навивачи на трибините.
Сепак, по поднесената жалба од КФ Шкендија, Комисијата за жалби при ФФМ одлучи да го прифати нашето барање со ублажување на дисциплинската мерка, казната беше намалена од пет на четири натпревари без публика.
Ова значи дека финалниот натпревар во Тетово, каде што нашиот тим ќе го добие шампионскиот трофеј по петти пат во историјата, ќе се одржи со нашите навивачи покрај нас, долгоочекуван момент за сите нас.
Клубот ги поканува сите навивачи на Шкендија да бидат присутни на овој историски натпревар и да придонесат за создавање величествена атмосфера каква што доликува на шампион“, се вели во соопштението на Шкендија.