Копа Италија финале: Милан ќе ја спасува сезоната, Болоња мечтае за трофеј половина век

100

„Олимпико“ вечерва (21 ч.) ќе биде домаќин на големото финале на Купот на Италија, во кое Милан ќе се соочи со Болоња во битка за домашна слава и спас на и онака очајната сезона на „росонерите“.

Милан, под водство на Серхио Консеисао, влегува во финалето по убедливата победа од 3-1 над Болоња во Серија А пред само пет дена на „Сан Сиро“. Двата гола на Сантијаго Хименез и голот на Кристијан Пулишиќ ја елиминираа раната предност на Болоња, покажувајќи ја вистинската сила на „росонерите“, кои со раќањето на Рафаел Леао од суспензија вечерва треба да добие на квалитет во битка за престижниот трофеј.

Консеисао е специјалист за купови, затоа што вечерва ќе го брка својот втор трофеј оваа сезона, откако го освои Суперкупот на Италија во јануари. Сепак, португалскиот менаџер останува претпазлив, предупредувајќи го својот тим да остане приземјен: „Финалињата се непредвидливи и мора да учиме од нашиот последен настап“, порача Португалецот.

Болоња, предводена од Винченцо Италијано, е решена да го прекине 51-годишното чекање за голем трофеј. Нивниот последен триумф во Купот на Италија беше во 1974 година. И покрај неодамнешниот пораз во лигата, „рособлу“ покажаа квалитет оваа сезона стигнувајќи до своето прво финале во купот од сезоната 1997/98. Тијс Далинга, со три гола во ова натпреварување, е клучна фигура кај Болоња, додека талентот на Рикардо Орсолини е сериозна закана за одбраната на Милан. Италијано, кој сè уште не освоил голем турнир, ги повика своите играчи да го искористат овој момент: „Научивме од грешките од петокот. Во Рим, ќе се бориме за нашите навивачи“, порача Италијано.

Милан историски доминира во пресметките со Болоња победувајќи на 28 од последните 44 средби, но победата на Болоња од 2-1 во лигата претходно оваа сезона покажува дека шансите на двата тима вечерва се еднакви. Повредите, сепак, би можеле да одиграат улога и на овој меч. Болоња е без Дан Ндоје и Емил Холм, додека Фикајо Томори од Милан е неизвесен по повредата на главата.

ПретходноПрва прозивка за дамите, стартува мисијата „Сребрена Европска лига“
СледноШахтјор ја одби првата понуда „тешка“ 35 милиони евра од Наполи за Судаков