Во насока на она што се вели македонска фудбалска репрезентација и нејзиното еволуирање низ годините секогаш сме биле како нација отворени и подготвени да примиме новитети. Што се подразбира под тоа? Нормално, засилувањата од дијаспората кои нам реално ни се неопходни како и на повеќето балкански земји, чии што иселеници ги има ама буквално секаде низ светот.
Со години се трудиме да привлечеме што е можно повеќе квалитетни млади играчи од надвор да заиграат за Македонија, а со многумина и успеавме. Сега не станува збор за тие, туку за едно момче за кое сметавме дека ќе биде спасителот на нашиот фудбал, новиот Пандев, а излезе на крајот „Пандев“ како епитет не може да му се „залепи“ ниту кога станува збор за играчката кариера, ниту пак за репрезентативната зошто никогаш нема ниту да заигра за Македонија.
Момчето од Струмица, „следниот Пандев“, кое порасна во Италија, и се вика Никола Секулов. Играчот кој како дете покажа сериозен потенцијал, па преку матичната Пјаченца, и Парма стигна на неполни 17. години во големиот Јувентус.
Тогаш тој имаше желба да настапува за Македонија и сите бевме убедени дека добиваме сериозно квалитетен фудбалер кој ќе го замени со време „Гранде“ во А репрезентацијата. Сепак, мандатот на Секулов во младинските селекции на Македонија траеше кратко, иако му беше дадено се, односно статус на „главен играч“. Повикот од Италија, во тој момент беше неодолив и тој замина да настапува за „Азурите“. Беше дел и од еден младински Мундијал, а паралелно со генерациите во дресот на Италија, ги менуваше и оние во Јувентус. Ние немо посматравме како тој еволуира од младинец во сениорски фудбалер со големи прашалници дали некогаш ќе стигне до највисоко ниво, како за Италија, така и за Јуве. Од старт да кажеме дека тоа не се случи. Никогаш не заигра ниту У19 ниту за У21 натпреварувачката репрезентација на Италија која што продолжи да игра на големи натпреварувања, туку беше повикуван за У20 односно У23 таканаречената Олимписка репрезентација. Што се однесува до Јувентус, Секулов имаше деби за првиот тим, само часови пред да биде објавено дека си заминува од клубот и се сели во Сампдорија.
Гигантот од осумдесетите и деведесетите години на Серија А, сега е далеку од тие денови и до вчера беше член на втората лига, Серија Б. Секулов и тука во улога на епизодист, со минимална минутажа, што поради повреди што поради конкуренција (!?), а и со него и без него клубот од Џенова испадна во ТРЕТА лига.
Причината за стрмоглавиот пад во кариерата на сега веќе 23. годишниот Никола Секулов можеме да го искоментираме само од аспект на тоа што тој барем во овие очајни моменти можеше да се потпре на Македонија, доколку ја избереше како опција. И еден Горан Гранде Пандев шест месеци немаше клуб па беше капитен на Македонија. Секулов сениорски фудбал речиси и да нема заиграно, поточно на 16 мечеви на кои што влегол во игра има забележано 383 минути и има постигнато еден гол. Вкупно, 18 мечеви за Сампдорија, три за Кремонезе каде што мина само неколку месеци како позајмен фудбалер, и дебито за Јуве. Тоа се сениорските мечеви на момчето кое ја одби Македонија на негови 23. години.
Поентата на целиот овој текст е следна. Новата номенклатура во Фудбалската Федерација на Македонија неколкупати во своите изјави, секако добронамерно, го спомена Секулов во иста конотација како и Дејан Кулушевски како неуспешни примери кои не сме ги убедиле да заиграат за Македонија. И дека тоа не смее да ни се случува во иднина. Да, во случајот на Дејан Кулушевски можеше, требаше да сториме повеќе. Затоа што „Швеѓанецот“ стана еден од најдобрите во светот. За разлика од Секулов кој што е далеку, многу далеку од она што требаше да биде, а многу веројатно и никогаш нема ни да биде. Талентот и потенцијалот се едно, а прераснувањето во класа од играч и замена за Горан Пандев е нешто сосема друго.
Никола, ние не ти се лутиме и не ти земаме за зло што одбра да играш за Италија. Работи напорно, тренирај и посвети се повеќе, затоа што некаде очигледно погреши. Разговарај со менаџерите за кои тврдеше дека не ти даваат да играш за Македонија и на кои се повикуваше кога Македонија ти нудеше репрезентативен дом. Можеби тие повторно го имаат одговорот како и тогаш кога решаваше за националниот дрес. Можеби тие го имаат одговорот како од јуниорски Мундијал стигна до трета лига. Има време за тебе имаш само 23. години, доволно за да се вратиш на правиот пат, кој никогаш нема да те одведе накај Македонија.