Дамите означија старт, селекторот е оптимист: Не влегуваме како аутсајдери, без разлика што се кажува на хартија

73
Фото: https://vfmkd.org.mk/

Женската сениорска репрезентација на Македонија, на пладне, се собра во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица, а селекторот Стефан Пауновиќ го означи стартот на подготовките за настапот во Сребрената Европска лига 2025.

Салата „Парк“ во Струмица ќе биде базата на репрезентацијата се до почетокот на годинешното издание на ЦЕВ Сребрената Европска лига. Македонија е домаќин на еден од турнирите во првиот викенд, односно од 30 мај до 1 јуни ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија.

„Со девојките кои се дел од репрезентацијата веќе некое време градиме одреден систем на работа. Добро ги познаваме и противниците, мислам дека имаме шанси, тоа се некои репрезентации кои се на наше ниво. Очекувам да одиме чекор по чекор, таков ќе биде договорот и со девојките, чекор по чекор и ќе го видиме на крајот резултатот. Два турнири играме на домашен терен и тоа може да биде и предност и притисок. Ние ќе се подготвуваме, тој притисок да го претвориме во предност. Тоа ќе ни биде важно во овој период да се подготвиме и ментално, и физички и тактички за да бидеме подготвени за она што не очекува“, вели селекторот Стефан Пауновиќ.

Предводникот на нашиот најдобар национален тим веќе ги има анлизирано противниците. Најважно е дека е голем оптимист.

„Оптимист сум, веќе ги гледав натпреварите на ривалите од претходниот циклус. Луксембург во последните години има убав континуитет, Швајцарија е селекција која сеуште има шанси за пласман на Европското првенство, но во оваа Сребрена лига сигурно не влегуваме како аутсајдери, без разлика што се кажува на хартија. Сигурен сум дека ќе се бориме за се – за секој поен, за секој сет, со секоја екипа. Нема да гледаме кој е на другата страна, ние ќе ја играме нашата игра и ќе се подготвуваме за тоа, а кој ќе се најде на спротивната страна треба да се плаши“.

Фото: https://vfmkd.org.mk/
Фото: https://vfmkd.org.mk/

Натпреварите од Сребрената Европска лига се сметаат и како одлична подготовка на селекцијата за квалификацискиот двомеч со Грција и Австрија за ЕвроВолеј 2026.

„За овој летен собир очекуваме разиграна игра, имаме повеќе натпревари во кои може да се прикажеме во подобро светло во однос на претходните години. Очекуваме да дадеме се од себе и да дадеме резултат. Сметам дека е голема предност за нас што ќе играме на домашен терен два турнири, очекуваме голема поддршка од трибините. Ќе одиме чекор по чекор, натпреварите во Сребрената лига ќе бидат одлични за нас како подготовка за квалификацискиот двомеч што не очекува во август, и ова е само голем плус за нас“, вели Мери Бошковска, репрезентативката на Македонија.

ПретходноДобра вест: Дуелот меѓу АЕК и Алкалоид со директен пренос на МРТ
СледноЅвезда од Премиер-лига жртва на уцена од страна на бремена жена?