Селекторот на машкиот сениорски национален тим, Јошко Миленкоски во позитивна атмосфера и оптимистички расположен ги пречека своите избраници попладнево во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица. Најтрофејниот одбојкарски стратег на третото враќање на кормилото на сениорите го прифаќа предизвикот да го води тимот во Златната Европска лига, но и евро-квалификацискиот двомеч со Грција и Грузија преку кое „бркаме“ пласман на четвртото во низа Европско првенство.
„Предизвик секогаш имало и ќе има, не само кај мене, туку и кај сите играчи. Пречекот беше одличен, расположението е на високо ниво, среќни што повторно ќе работиме заедно. Не очекува тежок распоред и едно долго лето, пред се подготовките за Европската лига, која е подготовка за она главното – квалификациите за Европското првенство, но факт е дека во последните две години играме меѓу најдобрите европски репрезентации во Златната лига и тоа е еден голем предизвик. Добро е да се направи еден чекор повеќе, но се зависи. Годинава подготовките се скратени и не знаеме дали уште на првиот турнир во Словачка ќе бидеме на посакуваното ниво, меѓутоа ќе направиме се што можеме за да бидеме во оптимална форма. Ќе пробаме да го извадиме најдоброто од нашите одбојкари во моментов. Понатаму ќе биде многу полесно – како ќе се ближи крајот и за турнирот кој ќе го играме во Струмица со Израел и Црна Гора верувам дека ќе бидеме во потребната форма, а она што следува и она за кое сме тука, квалификациите за ЕП низ ова долго топло лето ќе биде навистина предизвик и да го дадеме најдоброто пред се против Грција. Имаме доволно време до тогаш, но се надеваме и затоа сме тука“, изјави селекторот Јошко Миленкоски.
Репрезентативците подготвени за работа пристигнаа во Струмица, а она што се надеваат е дека ќе направат чекор напред во настапите во Златната Европска лига, која ќе им овозможи позитивно да влезат и во евро-квалификациите.
„Секогаш кога почнуваме едно ново поглавје за мене претставува голема среќа и многу сум среќен, возбуден и мотивиран за она што претстои. Првите впечатоци и првите разговори велат дека момците се супер, сите сме добри, попладнево ќе го одработиме и првиот тренинг. Јас сум оптимист, ако не бев немаше да бидам овде и се надевам дека ќе успееме да имаме здраво, а потоа и резултатски добро лето. Од ден во ден почнувајќи од денеска би сакал репрезентацијата да се вклопи, да живее како едно и да напредуваме, да се воигруваме што е можно подобро. Не можам да ветам ништо од старт или да најавувам фајнал-фор бидејќи тоа е преголем залак, во моментов, можеби за три недели нема да биде. Во Европската лига од никого нема да се плашиме и пред никого нема да излеземе со бело знаме и против секого ќе играме за победа, тоа јас можам да го ветам. Што се однесува до Грузија и Грција, тоа е далеку од сега, но нема дилеми дека сите потсвесно мислиме и на тоа. Сега би размислувал од ден на ден, што побрзо да се најдеме, бидејќи некој имал два месеци пауза, некој пет дена и мора да се воиграме што е можно подобро и да излеземе на мегдан. Пријателскиот двомеч со Хрватска е одлична подготовка во пресрет на Златната лига, според мене колку повеќе натпревари играме заедно, толку подобро и верувам дека тоа ќе ни помогне да го набилдаме натпреварувачкиот дух во пресрет на првиот турнир“, констатира капитенот на репрезентацијата Никола Ѓоргиев.
Според планот репрезентацијата една недела ќе тренира во салата „Парк“ во Струмица, а потоа патува за Марибор каде на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Хрватска, како проверка на силата во пресрет на натпреварите од Златната Европската лига.