Алкалоид ќе игра историско финале во ЕХФ Европскиот Куп. Тимот од Автокоманда приреди вистинска сензација ќе се бори за првиот европски пехар, а за противник го има тимот на АЕК.
Првото финале се игра во Атина во недела (18 часот) во „Ано Лосиу Арена“, олимписката сала позната и како Сунел Арена која има капацитет од 8.000 гледачи. Добра вест е што од оваа средба ќе има директен пренос на МРТ, па македонските ракометни фанови ќе можат да го проследат овој меч на ТВ-екраните.
Кирил Лазаров и неговите момци заслужија да бидат дел од ова финале, во ниту еден момент не се предадоа иако оваа сезона се соочуваат со бројни повреди. Одиграа храбро на реваншот во Норвешка и остварија уште еден голем резултат.
Грчкиот тим е фаворит на хартија, но од таборот на Алкалоид најавија максимална битка на теренот.
Реваншот е закажан за 25 мај во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот.