Иван Галевски, е еден од многуте млади имиња во редовите на Алкалоид, кој ќе има шанса да го почувствува предизвикот наречен – европско финале. Младите момци на македонскиот тим направија големи чекори за кратко време. Тимот предводен од Кирил Лазаров сосема заслужено се најде во финалето на ЕХФ Европскиот Куп, а голема заслуга за ова има токму младиот голман, кој на реваншот во Норвешка, во пенал рулетот одбрани три удари од седум метри, а претходно го спречи противникот да го реши мечот во регуларниот дел.
На сите во тимот им е јасно дека АЕК е голем предизвик, има искусен состав и странски ракометари. Противникот дополнителна сила на првиот финален меч ќе има од трибините, се најавува полна сала и жешка атмосфера.
„АЕК е една доста квалитетна и поискусна екипа од нас, етаблирани во светскиот ракомет, имаат доста поминато. Нема да биде лесно, добро е што вториот меч го играме на домашен терен, иако не можеме да кажеме дека е голема предност.
Не очекува една пеколна атмосфера, сме играле пред полни трибини, знаеме како е, наше е максимално да се вложиме и да бидеме 100% фокусирани. Ако ги спроведеме задачите како што треба, се надевам дека на крајот ќе дојдеме до добар резултат“, рече Иван Галевски.
Првиот финален натпревар меѓу АЕК и Алкалоид се игра во недела во Атина со почеток во 18 часот и со директен пренос на МРТ.