Машката сениорска репрезентација на Македонија, веќе трет ден ги реализира подготовките за Европската Златна лига во Струмица. Селекторот Јошко Миленкоски и стручниот штаб ја реализираат предвидената програма, а одбојкарите полека влегуваат во потребниот ритам.
„Имаме спој на младост и искуство и преку Европската Златна лига треба да ја темпираме формата за квалификациите за ЕП во август. Тука сме да одиграме квалитетни натпревари, да се надигруваме и да оствариме и некаков резултат. Имаме доволно време и простор, и услови да се подготвиме што е можно подобро и оваа година да имаме успешен настап во Европската лига, да направиме и чекор погоре, ако е можно, и што поподготвени да ги дочекаме евро-квалификациите. Доколку имаме можност зошто да не размислуваме и за Ф4 во Златната лига, но да одиме чекор по чекор“, заклучува еден од предводниците на нашата репрезентација, искусниот Владо Милев.
Македонските репрезентативци првата фаза од подготовките за Европската Златна лига 2025 ќе ја одработат во Струмица, а потоа патуваат за Марибор, каде на 24 и 25 мај играат пријателски двомеч со Хрватска.