Вчерашната одлука натпреварот Кожуф – Башкими да се регистрира со резултат при кој на ниту еден од клубовите не му се доделуваат бод или бодови е одлука на НАТПРЕВАРУВАЧКАТА комисија при ФФМ. Според правилата и прописите натпреварот мораше да биде решен пред одигрувањето на последното коло од Втората лига кое на програмата е утре.
Така Башкими за скандалозниот натпревар во Гевгелија, за кој постојат индиции и докази дека е наместен, останува без трите бода. При одлуката на натпреварувачката комисија многу „експерти“, погрешно се фрлија во непотребна расправа и критики а притоа не ги знаат опсновните процедури и правила.
Уште пред некој ден ФФМ објави дека е покренат случај кај дисциплинската комисија (составена од правни лица…), која е единствената во прв степен на одлучување според дисциплинскиот правилник на ФФМ. Беа објавени и иницијаторите на скандалот (со иницијали), а во меѓувреме жестока акција води и полицијата во кординација со надлежното обвинителство.
Веќе излегоа информации во текот на неделата дека се собираат докази, има распити а има и признавања на делото од одделни сторители. Одземени се телефоните, се вршат вештачења и кога случајот ќе биде готов (се очекува во текот на идната недела), тогаш и ќе следуваат големите казни кои се очекуваат. Јавноста очекува исфрлање на клубовите во најнизок ранг, одземање на дополнителни бодови, доживотни забрани за работа во фудбалот за сторителите… (тоа е моќта и можноста од страна на ФФМ и постоечкиот дисциплински правилник), но може да има и притвор, кривични пријави (тоа е според државните закони).
Како и да е! За Кожуф и Башкими допрва доаѓа најлошото. Оваа одлука вчера е само одлука на натпреварувачката комисија и тоа е според силата која оваа комисија ја има а тоа е да одлучува за самиот исход на натпреварот.