Лазаров: АЕК е противник од светски калибар! Но, ние сме подготвени, нема што да се лажеме!

182

СпортСпорт во Атина, Марија Ковачева

Кирил Лазаров може да биде горд на сето она што го создаде и создава како тренер на Алкалоид. Од младите ракометари направи вистински борци, кои од меч во меч растеа и созреваа. Не само што долго време се закана за фаворитите во македонскиот шампионат, за нивното дело се збори и во европски рамки.

На патот до финалето во ЕХФ Европскиот Куп, Лазаров се соочи со бројни проблеми со повреди, веќе одамна во составот го нема Марко Митев, а нема да смета ниту на капитенот, Игор Ѓоргиев.

Тој вели дека се подготвени за утрешната прва финална битка против АЕК (18 часот, директен пренос на МРТ) во Атина. Противникот е добро покриен на сите позиции, има 17 интернационалци, трофеј во ова натпреварување…

„Можам да кажам дека сме подготвени, нема што да се лажеме, мораме да сме подготвени кога играме вака важен натпревар. Повторно сме десеткувани, ќе ни недостигаат неколку првотимци, но таа ситуација ја имавме и пред Баја Маре и пред Рунар во Норвешка, така што сме навикнати… Направивме подвиг, во три години колку што постои клубот стигнавме до едно европско финале, пред нас е противник од светски калибар. АЕК има ростер од 23 играчи, од кои 17 се интернационалци, и тоа не било какви, Французи, Португалци, Германци…АЕК веќе го има освојувано овој трофеј, има играно финале, има искуство од играње мечеви за пехар во ова натпреварување“, ни изјави Кирил Лазаров. 

Лазаров има игра во Олимписката сала во Атина, добро ја знае атмосферата, за неговите момци ќе биде важно да го издржат притисокот во првите 15 минути. Покрај тактичкиот дел, со момците се работи и на психолошки план, бидејќи немаат искуство за финални мечеви.

„Знаеме дека ќе имаат поддршка од трибините, дека го преселија финалето во една поголема арена. Се подготвуваме и за една таква атмосфера, се со цел да не подлегнеме на притисокот од трибините. Многу е важно првите 15 минути да ги одиграме онака како што знаеме, да не дозволиме домаќинот да се одлепи. Екипата е подготвена, мотивирана, имаме желба и знаење, можеби сме малку неискусни за финални натпревари, пробуваме да работиме и на тој психолошки план, верувам дека ќе се покажеме во добро светло и ќе стигнеме до резултат каков што посакуваме“, додаде тренерот на Алкалоид.

ПретходноДортмунд во “фото финишот“ до Лига на Шампиони
СледноПјастри најбрз и на квалификациите на Имола