Женската сениорска репрезентација по втор пат во својата историја ќе има можност да се проба во Европската Сребрена лига годинава. Предизвик, кој со голем ентузијазам го прифатија македонските одбојкарки, особено поради фактот дека натпреварите кои ќе ги одиграат ќе им дојдат како одлична подготовка за евро-квалификациските дуели со Грција и Австрија во август.
Македонија два турнири ќе игра пред својата публика, првиот со Луксембург и Швајцарија од 30 мај до 1 јуни во салата „Парк“ во Струмица, а потоа и од 13 до 15 јуни на истата локација ќе биде условно кажано гостин на турнир чии организатор е Израел, а каде уште ќе учествува и Грузија. Фактот дека четири од шестте натпревари од Европската Сребрена лига ги играат пред својата публика, со противници по мерка носи оптимизам во нашите редови.
„Имаме шест натпревари со убав, интересен распоред во Европската Сребрена лига. Се надевам дека оваа година ќе допринесеме повеќе и ќе стигнеме до поголем посакуван успех. Подготвени сме за убави работи кои ни престојат, сите сме здрави и се надевам дека така ќе остане до крајот на ова натпреварување. Имаме позитивна, убава атмосфера, пред се дружба и очекуваме убави успеси“ – потенцира Лилјана Ковачевиќ.
Репрезентацијата од четвртокот мирно се подготвува во Струмица, и засега се е според планот и програмата на селекторот Стефан Пауновиќ и неговиот стручен штаб.