Од вчера Работнички е без тренер, Станиќ отсега само предводник на У-21 селекцијата на Македонија!

193

После нешто повеќе од една година, Горан Станиќ не е веќе тренер на Работнички. По феноменалниот успех со тимот од Градски парк, пласман во Европа по пауза од седум години, Станиќ не е веќе дел од Работнички. Не дека тој си дал оставка или добил отказ, туку поради фактот дека сега и официјално ја презема У-21 селекцијата на Македонија. Познато е дека тој пред неколку месеци беше избран за предводник на надежите, но имаше договор со ФФМ прво да ја заврши сезоната со Работнички.

Па така по вчерашниот меч од последното коло со Брера во Струмица, сега Работнички е без тренер.

Секако дека Работнички и тоа како ќе му се заблагодари на својот довчерашен стратег. Реално без Станиќ тешко дека ќе се избореше пласман во Европа. Сега некој ќе каже ако подобро се реагираше во зимскиот преоден рок веројатно сега Работнички, а не Шкендија, ќе беше шампион, но тоа нека биде памет за другпат, се разбира ако се укаже наскоро таква шанса посебно ако се знае дека Работнички есента ја заврши рамо до рамо со Шкендија и Силекс. Сега кога заврши сезоната, кога се виде што направи Гостивар, ако имавме една Струга ТЛ која и дефинитивно не беше тоа што требаше да биде, ако Шкендија и Силекс не беа толку уверливи, оној Работнички со оној тим од есеноска, и со таа форма, веројатно ќе се прошеташе низ пролетниот дел од оваа 2024/25 сезона.

Тоа е што би било кога би било, а сега на потег е раководството на Работнички кое треба најдоцна до крајот на оваа недела да го назначи наследникот на Горан Станиќ. Деновите брзо ќе си минуваат, ова лето за Работнички, поради настапот во Европа, ќе започне многу порано отколку минатите седум години.

На крај секако честитки за Станичќ кој одработи фантастична работа со Работнички, а најмногу што промовираше неколку млади и екстра талентирани момци за кои и тоа како ќе се слушне набрзо и надвор од Македонија.

Се разбира дека на Станиќ му посакуваме успешна работа и во У-21 селекцијата на Македонија.

ПретходноОва е составот со кој Алкалоид ќе му се спротивстави на АЕК во финалето! (ФОТО)
СледноВелковски: Не треба да измислуваме многу, најважно е да бидеме свои!