СпортСпорт во Атина, Марија Ковачева
Алкалоид после првата финална пресметка против АЕК во рамките на ЕХФ Европскиот Куп има позитива од 25-29 и се наоѓа на чекор до пехарот.
Дуелот се одигра пред полни трибини во „Сунел Арена“, на двапати имаше прекини бидејќи навивачите на грчкиот тим фрлаа со вода кон клупата на Алкалоид. На голема среќа немаше поголем инцидент, дури и самиот Кирил Лазаров бараше да се смири атмосферата.
АЕК отвори со два гола, но Алкалоид не дозволи противникот да го наметне својот стил на игра, со серија од 3-0 и цврста одбрана, одговори за 2-3 во шестата минута. Во 10-тата минута, македонскиот тим при 4-5 не искористи шанса да поведе со два гол по одбрана на Кизиќ. Младите момци на Лазаров добро се носеа со притисокот, водството се менуваше постојано. На средината на првото полувреме беше плус еден за Алкалоид (8-9).
По последните 10-11 за тимот од Автокоманда, АЕК зеде сила, нешто подоцна успеа да ги казни неколкуте грешки на македонскиот клуб и дојде на плус два 14-12 во 24 минута. Лазаров повика тајм-аут, им даде насоки на своите играчи. Противникот не искористи неколку напади, на другата страна Серафимов од седум метри, Петковски, Маркоски и Да Силва ги донесоа највисоките плус два 14-16, резултатот на одморот.
Серијата продолжи после одморот, за 14-17, но голема штета што Алкалоид не искористи два напади да отиде на плус пет. По последните плус три 15-18, следеше грешки на македонскиот тим, нападот одеше тешко. АЕК дојде на минус еден 17-18, но на голема среќа Галевски одбрани два удари од седум метри, една одбрана запиша и Кизиќ. После долго време, Петковски успеа да го прекине „постот“ за 17-19, а по нова одбрана на Галевски и гол за 17-20 во 41-та минута настана хаос во салата, навивачите на АЕК со вода фрлаа кон клупата на Алкалоид, плукаа по играчите.
Дуелот продолжи во наелкетризирана амтосфера, пред средината на првото полувреме Алкалоид имаше 18-21. Иван Галевски со четвртиот одбранет пенал успеа да воспостаави рамнотежа која на неговиот тим му беше потребна на стартот на 50. минута, Да Силва реализираше за 20-23.
АЕК се закани намали на гол негатива 22-23, па 23-24. Со два брзи напади, Да Силва и Серафимов ја вратија предноста од три гола (23-26) во 54. минута. Две нови одбрани на Галевски (една од седум метри) го стави Алкалоид во позиција за плус 4, не беше искористен ниту еден напад. Грчкиот тим доближи на 25-27, Лазаров мораше да повика тајм-аут. Со цепелин акција, Алкалоид врати на плус 3 (25-28), Галевски продолжи во ист ритам, Велковски зголеми на 25-29.
Мартин Серафимов со 6 постигнати гола беше најефикасен во редовите на нашиот финалист. Пет гола постигна Да Силва, додека по три гола запишаа Петковски, Бинго, Ивановски и Стојковиќ. Кај екипата на АЕК, Гараин ја заврши средбата со 6 гола, додека Туре имаше 5 погодоци.
Реваншот се игра идната недела во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“.