ТФТ го „збриша“ Работнички во три меча и закажа финале со МЗТ Скопје (ФОТО)

54

Кошаркарите на ТФТ се вториот финалист во плеј-офот од домашното кошаркарско првенство. Во третиот меч од полуфиналната серија, ТФТ како гостин го прегази Работнички со 73:92 и дојде до третата победа која го носи во финалето.

Домашните почнаа добро и успеаја да ја добијат првата четвртина со 27:25, но од овој период, па до крајот на мечот гледавме само еден тим на паркетот. Со фантастична втора четвртина ТФТ успеа да обезбеди предност од 10 поени (38:48) на паузата и да најави дека серијата нема да продолжи и по овој меч.

Со стартот на вториот дел уште повеќе дојде до израз доминацијата на гостите. Тие продолжија да го полнат домашниот кош и во еден период од третата четвртина имаа и плус 22.

Во финалните 10 минути, домашните се обидоа да ја спасат честа и да не дозволат тежок дебакл. ТФТ ја задржа предноста и со 73:92 дојде до третиот триумф вреден финале.

Говенс со 18 и Стојановски со 17 поени го предводеа ТФТ до нова победа, додека кај Работнички Дубински постигна 15, а Ѓуроски застана на 14 поени.

ТФТ во финалната серија ќе се сретне со шампионот МЗТ Скопје А. кој ќе ја има предноста на домашен терен.

ПретходноПетковски: Знаевме дека ќе направат се за да го променат темпото, но бевме подготвени
СледноИнтер и Наполи оставија Скудетото да се решава во последното коло (ВИДЕО)