Огнен Чак Дојчиновски
Викендов завршува овогодинешниот ПМФЛ шампионат. Вчера се одиграа мечевите од последното 33. коло. Познато е се, и шампионот, и патниците во Европа, но и оние кои веќе нема да се дел од ова натпреварување. Колективните достигнувања се тука, но и оние индивидуалните, како што е титулата за најдобар стрелец.
До вчера тоа беше еден, но од вчера е друг. Некогашниот младински репрезентативец на Македонија, Марко Ѓорѓиевски е новиот „крал на головите“ во домашниот шампионат. Напаѓачот на Силекс вчера ја „расипа“ шампионската прослава во Тетово, кога со два гола учевствуваше во триумфот на Кратовци од 1:3.
Со ова, Ѓорѓиевски стигна до 15 погодоци сезонава со што се искачи на врвот на листата на стрелците.
Искрено, јавноста во Македонија долго чекаше на ваква голгетерска „експлозија“ од страна на Ѓорѓиевски. На некогашниот младинец на Вардар му се предвидуваше голема кариера уште како дете, но ете тој дури сега на 25 години го покажа својот полн квалитет и несомнен потенцијал.
Менуваше клубови, од Борец, преку Вождовац, па позајмици во втора српска лига, па враќање во Македонија преку Шкупи, Брера и конечно Силекс. За дури во Кратово да се „поклопат нештата“ и популарниот Марче да одигра на нивото кое се очекува.
„Конечно ја пронајдов својата форма. Онаа која што ми донесе ете толку голови сезонава. Нормално дека сум презадоволен. Не сум спиен од вчера наваму, хахаха. Ова е остварување на мојот сон. Нормално нема тука да застанам, но мора да бидам благодарен за она што ми се случува во моментов. Соиграчите во Силекс, стручниот штаб секако дека се исто така заслужни за ова. Благодарам многу. Ветувам дека оваа моја форма и голови нема тука да застанат, дека допрва ќе го видите најдоброто од Марко Ѓорѓиевски“ – вели најдобриот стрелец во Македонија во моментов за Спортспорт па додава.
„Искрено во моментов сакам да се одморам неколку дена со семејството, а потоа ќе размислувам што и како понатаму. Имам понуди мора да признаам, слободен играч сум, што нормално ја олеснува целата ситуација. Европа или пак Азија, во моментов и јас и мојот менаџерски тим размислуваме која е најдобрата опција за мене“ – вели Марче па поентира.
Репрезентацијата ми е цел и верувам во мојот статус на стандарден во неа
„Секако дека посакувам еден ден да заиграм и во репрезентацијата на Македонија. Со правилен избор на клуб летово, убеден сум дека ќе постигнам репрезентативна форма. И дека имам квалитет и капацитет да бидам репрезентативец. Ветувам дека ќе направам се тоа да се случи“ – самоуверено изјавува најдобриот стрелец во овогодинешниот ПМФЛ шампионат, за Спортспорт, Марко Ѓорѓиевски.