Лазаров: Ова финале може да биде последно во нивните кариери, затоа мора да го зграпчат моментот!

196

СпортСпорт во Атина, Марија Ковачева

Кирил Лазаров денеска за првпат во својата кариера ќе води едно европско финале покрај теренот. Македонскиот „бомбардер“ зад себе како играч има бројни мечеви за пехар, па знае што значи двомечот со АЕК во финалето на ЕХФ Европскиот Куп. Првиот натпревар се игра денеска во Атина со почеток во 18 часот, директен пренос ќе има на МРТ.

Младите ракометари на Алкалоид имаат уникатна шанса да играат европско финале, нешто што не им успеало на голем број поискусни имиња. Покрај тактичкиот дел, Лазаров е посветен и на психолошкиот дел, ги подготува своите играчи за овој голем предизик. Секој треба да биде свесен дека можеби финалето против АЕК, може да биде последно во нивните кариери, бидејќи до вакви мечеви тешко се стигнува.

„Знаете, имам одиграно многу финалиња во кариерата како играч и тоа не било какви, слободно можам да кажам дека тоа се специјални натпревари, различни од било кој друг. Ова се нови моменти во нивните кариери, особено за  младите македонски играчи, но верувам дека тимскиот дух и системот што го имаме ќе ги прикрие тие некои ситни недостатоци. Ова е нова ситуација за ракометарите, доста е ја зборуваме, јас им кажувам и им објаснувам што значи да се игра финале. Важноста на овој момент е голема, од срце им посакувам да имаат уште многу европски финалиња во нивните кариери, но може да се случи до крајот на нивните кариери да не играат уште едно вакво финале бидејќи во европско финале навистина не се стигнува лесно. Затоа, треба да го искористат овој момент, им посакувам да имаат уште по десет финалиња во кариерите, но веќе кога сме овде, на еден чекор до трофејот, кога ти се укажува прилика за европски пехар треба да сториш се за да стигнеш до него“, ни изјави Кирил Лазаров, тренерот на Алкалоид.

Кире потенцира дека мора да се зграпчи моментот, премногу да не се респектира противникот.

„Треба да сме свесни и верувам дека сме свесни за големината на овој натпревар, треба да го зграпчиме моментот и да не го респектираме премногу противникот. Ја чувствуваме поддршката на јавноста, особено за реваншот во Скопје, доста се зборува за овој дуел, но најпрвин ќе треба да одиграме квалитетно во Атина. Дојдовме овде со позитивни мисли и можам да кажам дека ќе играме храбро“, истакнува Лазаров.

ПретходноВМФЛ: Под Исарот ќе се води битка за бараж, Арсими испишува историја
СледноОва е составот со кој Алкалоид ќе му се спротивстави на АЕК во финалето! (ФОТО)