Коментар на 33.коло: Под Шара се славеше титула

81

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Иако желбата беше да се победи Силекс на свој терен, пред своите фанови, и на тој начин да се прослави петтата титула, сепак Шкендија во саботата во последниот меч од сезоната 2025/26 беше надиграна и поразена со 1:3. Кратовци беа на своето ниво, а тетовци како повеќе да размислуваа што ќе се случува по завршување на мечот, на добивањето на пехарот кој им го врачи претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Реално Шкендија ја заслужи титулата. Беше најдобра и најконстантна во текот на целата сезона и затоа на крај се радуваше. Стратегот Јетон Беќири знаеше како треба, неговата чета играше на резултат, немаше некоја посебна убавина во играта на Шкендија како што беше тоа случај во минатото. Но, така се освојуваат титулите кога за конкуренција имаш екипи кои едвај чекаат твој кикс.

Јасно е дека на тетовци им беше олеснета работата со не така добрата форма на Работнички во пролетниот дел, со Струга ТЛ која оваа сезона е најголемото разочарување, со тоа што го направи Гостивар, но тетовци си ја гледаа својата работа, не ги интересираше ништо друго и затоа треба да им се честита. Само Силекс беше опасноста за Шкендија.

И така по мечот со Силекс, односно по тие 1:3, следуваше голема прослава на Градскиот стадион под Шара а подоцна и по улиците на Тетово.

Познато е дека ова лето, покрај секако Шкендија во квалификациите во ЛШ, ќе играат и Силекс и Работнички во квалификациите во ЛК и плус победникот од финалето во Купот на Македонија во кое се среќаваат Вардар и Струга ТЛ во среда.

Воска и Гостивар испаднаа, односно самите се отпишаа, а Беса ќе игра бараж меч со Башкими за опстанок или пласман во ПМФЛ за следната сезона.

Цела сезона беше и повеќе од турболентна, се знае што се случи со Воска и Гостивар, истата нема премногу да ја паметиме, нема да ни остане во сеќавање, се разбира освен она што го направи Вардар во пролетниот дел кога покажа и докажа дека нашиот најтрофеен клуб на голема врата се враќа во врвот на мак – фудбалот.

Токму затоа едвај чекаме да почне новата сезона, која веројатно или би требало да биде многу, многу поинтересна.

ФОТО: КФ Шкендија/ФБ

ПретходноОд ТФТ порачуваат: Ако бидеме шампиони, тогаш со сите сили ќе се бориме да играме во АБА лигата!
СледноПромена во термините: Мечевите кои ќе решаваат за титулата во Серија А се закажани за во петок!