„Македонија Опен“ е микс од млади и искусни тенисери

75

Годинашново издание на АТП Челинџерот Македонија Опен е убава можност за напредок на АТП листата на сите присутни тенисери. Ова особено се однесува на младите тенисери, кои преку игрите во Скопје треба да „соберат“ повеќе поени. Турнирот е од рангот Challenger tour 75, со награден фонд од 100.000 долари. Ова е трето издание откако во 2023 година турнирот беше возобновен по неколку годишна пауза.

„Целта на турнирот е да имаме квалитени играчи и добри мечеви. Ние како федерација сме годри што трета година по ред го организираме турнирот и со тоа Скопје е на светската тениска карта. Турнирот е се посилен, а воедно е микс на млади играчи кои се желни за докажување, како и искусни играчи, кои имале забележителни резултати пред година – две. Она што е важно е дека квалитетни јуниори доаѓаат на овој турнир. Составот на играчи годинава е млади (18-21 година), потоа „зрели“ од 22 до 26 години и искусни, над 26 години. На турнирот ќе играат и тројца победници на Грен слем турнирите од пред некоја година Мили Пољичак од Хрватска (победник на Вимблдон во 2022 година) и ривал на нашиот Ивановски во првото коло, потоа Дино Прижмиќ од Хрватска победник на Ролан Гарос во 2023 година, како и Николај Будков Кјаер од Норвешка победник на Вимблдон во 2024 година. Во кругот на млади играчи се секако и нашиот Калин Ивановски, потоа Лука Микрут од Хрватска, како и Максим Мрва од Чепка (2024 година ја заврши како јуниор број 2) и ланскиот победник од Скопје Жоел Шварцлер од Австрија. Внимание секако привлекува и носителот број 1 Хуго Делиен од Боливија, со најдобар ранг во ТОП 60 и кој имаше настап претходната недела на Мастерсот 1000 во Рим, а е и на листата учесници на Ролан Гарос. Во одлична форма со два освоени Челинџер турнири (Острава и Тунис) во Скопје ќе се појави и Жомбор Пирош од Унгарија. Ова нека биде покана за сите да дојдат и да проследат добар тенис. Воедно би сакал да искажам и благодарност до спонзорите и Министерството за спорт, без чија помош турнирот тешко и дека ќе се одржеше“, истакна претседателот на македонската федерација, Александар Ивановски на прес конференцијата.

На турнирот има и неколку иновации, кои ќе бидат задолжителни во следниот период.

„Почетокот на турнирот се одвива на високо ниво и веќе имаме позитивни „забелешки“ од судиите и играчите. На терените се поставени и шест камери за следење на линиите. Мечевите на нашите тенисери вчера во квалификациите покажаа дека гледачите и љубителите на тенисот сакаат да следат добар тенис, а очекуваме добри и интересни мечеви и во сингл и во двојки, секако и нашите тенисери да добијат поддршка. Воедно ова треба да претставува и добра увертира за Дејвис куп мечевите на Македонија што нашата реперезнтација на почетокот на јуни ќе ги игра тука на терените на ТК Југ во Градски парк“, изјави директорот на турнирот Горан Шевченко.

Турнирот ќе се одвива во текот на оваа недела, полуфиналните мечеви во двете конкуренции ќе се играат во петок, а во сабота се планирани финалните мечеви. Победникот на турнирот ќе освои 75 поени, како и награда од 12.980 евра.

ПретходноЛиверпул е пред договор со уште едно дефанзивно засилување
СледноКој ќе биде нов НБА шампион? Оклахома прв фаворит, Индијана има најмалку шанси