Алкалоид е на пат да го освои првиот европски пехар во својата историја. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија на првата финална средба против АЕК во рамките на ЕХФ Европскиот Куп славеше со 25-29, па на реваншот во Скопје ќе треба да го одбрани овој резултат за да го подигне трофејот.
Тренерот на грчкиот тим, Фредерик Бужан за тамошните медиуми не криеше дека е разочаран од играта на своите играчи. Вели дека четирите гола се достижни, во Скопје очекува неговите момци да имаат помал притисок, бидејќи не играат пред своја публика.
„Нема да ве залажувам. Разочаран сум. Разочаран од резултатот, од статистиката, од тоа што го покажавме. Разочаран сум поради ракометарите затоа што знам колку ја сонуваа оваа прва битка. Ги разочаравме и фановите кои од нас очекуваа нешто друго.
Треба да покриеме четири гола. Достижни се. Во вториот меч ќе играме на гости, ќе биде вистинска битка, за нашите семејства и гледачи пред тв. Чувствата секако ќе бидат поинакви. Но, играњето на домашен терен често носи и голем притисок. Ние треба да го искористиме. Можеби нашите противници ќе го почувствуваат истото тоа што нас нѐ парализираше на првиот меч.
Една недела е доволно за да се смени приказната и да се напише ново сценарио. Сега се фаќаме за работа. Да се погледнеме во очи и да ја напишеме нашата историја“, изјави тренерот на АЕК, Фредерик Бужан.
Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК е закажан за 25. мај во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот.