Лапорта: Халанд? Ништо не е невозможно, но…

280

Апсолутен владетел на Шпанија оваа сезона е Барселона, ја комплетираше тројната круна со освојување на Ла Лига две кола пред крајот на првенството, откако ги освои Суперкупот и Кралскиот куп. Навивачите на Барселона се особено среќни што ги освоија сите трофеи со победи над еден од нивните најголеми ривали (Реал), додека титулата ја потврдија со победа над нивниот втор најголем ривал, Еспањол.

Но, Барселона брзо престана да слави и се фрли на работа за зачувување и зајакнување на тимот кој освои речиси сè. Деталите ги откри претседателот Жоан Лапорта во интервју за ТВ3.

„Ќе заработиме 950 милиони евра, тоа се речиси милијарда евра. Убеден сум дека ќе бидеме во рамките на правилата на финансискиот фер-плеј во однос на буџетот за плати и трансфери“, рече Лапорта пред објавата: „Ова лето ќе има промени во нашиот тим. Ќе се засилиме бидејќи нашите ривали ќе го сторат истото откако видоа дека имаме најдобар тим“.

Тој го објави редоследот по кој ќе продолжат:

„Прво, ќе ги обновиме договорите на сите играчи што ги сакаме, а потоа ќе почнеме да доведуваме засилувања. Се договоривме за сè со Ламине Јамал, тој веќе го прифати нашиот предлог. Чекаме само до 13 јули, кога ќе наполни 18 години, за да може да потпише.“

Навивачите на Барселона сакаат Рафиња да остане, а Лапорта ги направи среќни: „Преговорите со Ињиго Мартинез и Рафиња се во завршна фаза. Рафиња ќе остане бидејќи желбата за тимот е взаемна. Тој се чувствува многу поврзан со нашиот проект.“

Лапорта го најави останувањето на уште еден миленик на навивачите. Војчех Шченсни (35) пристигна оваа сезона враќајќи се од пензија по сериозната повреда на Марк тер Штеген, но на крајот стана клучен член на шампионскиот тим.

Во врска со потенцијалните потписи, претседателот на Барселона вели: „Минатото лето сакавме да го доведеме Ник Вилијамс, но сега следиме други играчи. Ерлинг Халанд? Ништо во животот не е невозможно, но сега не размислуваме за него бидејќи неодамна потпиша продолжување на договорот со Сити.“

ПретходноПортугалско засилување во Кратово за Европа! (ФОТО)
СледноЗајков си оди од Универзитатеа Крајова, но не и од Романија