Пауновиќ со „слатки маки“, има дилеми за финалниот список

72
Фото: https://vfmkd.org.mk/

Една седмица женската сениорска репрезентација се подготвува во Струмица за вториот настап во Европската Сребрена лига. Селекторот Стефан Пауновиќ од самиот старт на располагање ги имаше сите 20 одбојкарки кои се најдоа на списокот и сите работат со висок интензитет и без проблеми.

Во пресрет на првиот турнир од Сребрената лига на кој Македонија ќе биде домаќин, селекторот треба да направи кратење на списокот и да се одлучи за 14 репрезентативки кои ќе го понесат товарот на стартните два натпревари со Швајцарија и Луксембург. Таквата одлука му создава сериозни главоболки.

„Имаме одлична работна атмосфера – постои ред, работа и дисциплина! Функционираме како семејство, сите девојки се мотивирани, напорно тренираат, можам слободно да кажам ‘гризаат’. Позитивно сум изненаден и имам впечаток дека се пораснати, созреани, свесни за шансата која ја имаат пред себе и дека работиме за повисоки цели. Конкуренцијата си го прави своето и сите максимално се вложуваат за да се најдат во составот од 14. Навистина сум во дилема“, потенцира селекторот Стефан Пауновиќ.

Македонија во салата „Парк“ во Струмица, ќе биде организатор на еден од турнирите во првиот натпреварувачки викенд од Европската Сребрена лига 2025, кога од 30 мај до 1 јуни ќе ги пречека Швајцарија и Луксембург. Според распоредот Македонија ќе го отвори турнирот на 30 мај во 20 часот против селекцијата на Луксембург. Вториот ден (31 мај) нашата репрезентација е слободна, додека Швајцарија и Луксембург играат од 20 часот. На 1 јуни, пак, во истиот термин (20 часот) Македонија игра со Швајцарија во последното коло од првиот турнир.

ПретходноЏерард се враќа на местото на успехот
СледноВардар го најави утрешното Куп финале: Клубот чека трофеј во Купот речиси две децении