Македонската комбинација Калин Ивановски и Берк Бугариќ е елиминирана во првото коло на АТП Челинџерот 75 Macedonian Open што се игра на терените на ТК Југ во Скопје. Поуспешни од нив беа третите носители Чудари Болипали и Сундар Прашант од Индија со 2-1 во сетови (4-6, 6-3, 10-8 на поени) во меч што траеше 91 минута.
Во првиот сет првиот брејк го направија тенисерите од Индија и поведоа со 3:1 во гемови. Но, веднаш потоа следуваше ри-брејк на македонските тенисери, а откако израмнија на 3:3 во седмиот гем направија уште еден брејк за предност од 4:3 во гемови. Тоа беше доволно за да се освои сетот со 6:4. Во вториот сет индиската комбинација заигра подобро и единствениот брејк го направија во четвртиот гем за водство од 3:1, но играта во гемовите кога сервираа им беше посигурна во однос на првиот сет. Вториот сет заврши со 6:3 во гемови.
Во решавачкиот сет на поени во првите осум поени имаше дури пет „мини брејка“, а водство од два поена (5:3) имаа Болипали и Прашнат. Во еден момент тенисерите од Индија стигнаа и до +3 (7:4), но Ивановски и Бугариќ внесоа малку неизвесност кога намалија на поен негатива. Сепак не успеаја да стигнат до изедначување.