Најдобрата македонска тенисерка со сигурна победа го почна настапот на ИТФ фјучрсот во Куршумлијска бања, Србија. Таа во мечот од првото коло ја победи Лиса Заар од Шведска со 2-0 во сетови (62 61) за 1 час и 24 минути игра.
Во првиот сет Ѓорческа одлично го почна мечот и поведе со 5:0 во гемвои, но ривалката сепак успеа да освои два гема и да намали, но без шанса за пресврт бидејќи македонската тенисерка го освои осмиот гем во првиот сет за водство од 1-0 во сетови. Во вториот сет на стартот во првиот гем беа одиграни 16 поени и по четири брејк топки Ѓорческа поведе со 1:0, а потоа мечот го однесе во мирна завршница откако стигна до 5:0 во гемови. До крајот на мечот противничката освои еден гем, а вториот сет заврши со резултат 6:1 за конечни 2:0.
Во следната рунда Ѓорческа ќе игра против Ана Сискова од Чешка, која преку квалификациите стигна до второто коло.