Нема промени на кошаркарската „мапа“ во Македонија кога станува збор за титулата во женска конкуренција. Баскет Кам по четвртти пат во низа дојде до пехарот и тоа со максимални 3-0.
Втора година по ред со Жаклина Стојановска на клупата, која ги споделува своите импресии по завршената серија со Крива Паланка.
„Оваа титула ја освоивме со срце, карактер и чиста игра. Против себе имавме тим кој не сакаше достоинствено да ја прифати разликата во квалитет, но ние одговоривме спортски, со дисциплина и квалитет. Победивме 3-0 и тоа е најдобриот одговор што можевме да го дадеме“, вели Стојановска,
Вели дека оваа е награда за сите вложувања, зрелост, сила и верба во изминатата сезона која е крунисана со шампионски пехар број 4 во исто толку натпреварувачки сезони.
„Девојките беа неверојатни – покажаа зрелост, сила и верба во секоја минута од секој натпревар. Ова не е само шампионска титула – ова е победа на трудот над кратките патишта, на тимот над индивидуалноста, на достоинството над провокацијата. Им благодарам на сите кои беа со нас – на клубот, и на навивачите кои не поддржуваа безрезервно. Оваа титула ја посветуваме на градот Македонска Каменица.“